Маја Иванова- Активности
Децата на прво место

Пред сè како жена, потоа и како мајка, г-ѓа Маја Иванова несебично ја дава својата поддршка на оние на кои им е најмногу потребна - децата. Без разлика дали проблемот со кој се соочуваат е здравствен или социјален, секогаш безусловно се вложува да им помогне и да ги поддржи во нивната борба. Нејзините напори и активност се првенствено насочени кон борбата против аутизмот и подигнувањето на јавната свест за постоењето на оваа болест.



Борба против аутизмот

Согледувајќи ги актуелните проблеми со кои секојдневно се соочуваат аутистичните деца и млади, но и нивните родители и поблиските пријатели, и запознавајќи ја средината во која секој мал напредок е подвиг кон кој вреди да се стремиме, г-ѓа Иванова го направи следниот чекор - ја презеде целата таа иницијатива и посветено почна да работи на унапредување на нивната положба и условите вокои ќе можат да остварат посреќен и побезгрижен живот.

Првата активност на г-ѓа Иванова поврзана со аутизмот беше реализирана при нејзиниот престој во Њујорк, во септември 2009 година, за време на 64-то Генералното Собрание на Обединетите Нации на кое учествуваше Претседателот на Република Македонија. Во рамките на нејзините активности во Њујорк беше и учеството на Втората годишна конференција со фокус на аутизмот, организирана од меѓународната фондација „Аутизмот зборува". На оваа конференција учествуваа околу 150 први дами и високи гости кои со своето присуство го зголемија значењето на настанот, но привлекоа и поголемо медиумско внимание. Со тоа се постигна една од целите на конференцијата - подигање на јавната свест за аутизмот. Во септември 2010 година, г-ѓа Иванова по втор пат учествува на оваа конференција, давајќи го својот придонес кон напорите да се поттикнат државите во светот да одвојуваат средства и ресурси за истражувања за аутизмот, кампањи за подигање на јавната свест и поддршка за семејствата кои се засегнати.

Една година откако г-ѓа Иванова ги започна своите активности во Република Македонија, таа успеа ненаметливо, со непосредни контакти, со огромен ентузијазам, но и со особена упорност, да ги спои поединците од академските кругови кои работат на оваа проблематика, од една страна, и родителите кај чиишто деца е дијагностициран аутизмот, од друга страна. Но, пред сè, г-ѓа Иванова успеа да ги обедини сите засегнати страни во борбата за подигање на јавната свест за аутизмот и да ги стави во функција за најмалите, оние за кои вреди да се изодат милиони чекори само да се постигне една насмевка, еден допир, една прегратка, еден блесок во очите на децата со аутизам.

Под нејзино покровителство на 2 април 2011 година, во Република Македонија за прв пат беше одбележан Меѓународниот ден на аутизмот, во коорганизација со Македонското научно здружение за аутизам. Во центарот на главниот град, под мотото „Аутизмот зборува. Време е да слушнеме!" на едно место се собраа многу граѓани кои на посреден или непосреден начин се засегнати од аутизмот. Особено значајна беше поддршката која ја дадоа сопругите на претставниците на дипломатскиот кор во Република Македонија. Повеќе естрадни уметници ја поддржаа кампањата со нивниот настап и присуство, повеќе дечиња со детски песнички ја освежија и разубавија сцената. Настанот беше обоен во светло сина боја, заштитната боја на меѓународната организација „Аутизмот зборува". А, токму најмалите на кои им беше посветен овој ден беа најрадосни. Музика, игра, детски џагор. Песнички, прегратки и по некоја солза радосница од милиот, искрен и наивен детски настап.

Реакциите кои следеа по Меѓународниот ден на аутизмот беа позитивни и исполнети со оптимизам, и повеќето пристигнуваа токму од родителите и роднините на децата со аутизам, полни со благодарност за тоа што некој ја покрена иницијативата да го потсети општеството за постоењето на болеста и предизвиците кои ги носи. Ова потсетување, оваа искрена иницијатива на г-ѓата Иванова, беше од непроценлива важност, пред сè за децата кај кои е дијагностициран аутизам, за нивните родители и пријатели. Но, уште позначајно беше тоа што го насочи општото внимание кон овој проблем кој некому е секојдневие, ги охрабри и останатите да го препознаат, и ги потсети сегашните и идните родители дека е неопходно навременото откривање на болеста. За г-ѓа Иванова ова беше уште посилен поттик да неуморно да продолжи со активностите, и набрзо потоа ја посети градинка „Лилипут", единствената градинка во која се примаат и дечиња со аутизам. Одблизу беше запознаена со нивниот секојдневен живот и навиките кои ги стекнале со посетувањето на градинката, нивната интеграција, зголемените социјални и комуникациски вештини.

Г-ѓа Иванова продолжува да им помага на родителите чии деца имаат аутизам, како и на нивните организации чија одновна цел е да го помогнат развојот на аутистичните деца, нивното образование и подобрувањето на нивните вештини за комуникација. Посебно интересна инцијатива, чија реализација г-ѓа Иванова со задоволство прифати да ја потпомогне, е проектот за хидротерапија на аутистичните деца. Таа е покровител на Конференцијата „Слобода во вода" на која ќе се обучуваат лица кои понатаму ќе работат на интензивни тренинзи во вода со лицата со посебни потреби, посебно со децата болни од аутизам.

Со цел да придонесе кон подобрување на позицијата на децата со аутизам и збогатување на нивниот секојдневен живот, г-ѓа Иванова се посвети на изнаоѓање позитивни и добри практики кои би можеле да се применат и во нашата земја. При секое нејзино патување надвор од земјата, таа посетува градинки, училишта, клиники посветени конкретно на аутистичните деца, се обидува да собере мислења, предлози и позитивни примери. Така при официјалната посета на Република Австрија во јуни 2011 година, заедно со првата дама, г-ѓа Маргит Фишер, ја посетија единствената специјализирана градинка во Виена за деца со аутизам.

Во 2012 година, по втор пат под покровителство на г-ѓа Маја Иванова се одбележа Светскиот ден на лицата со аутизам, во центарот на Скопје. Целта на симболичното одбележување е да се подобри квалитетот на животот на лицата со аутизам, да им се овозможи рана дијагностика, навремен третман, можност за едукација и соодветна здравствена заштита.
„Преку една ваква манифестација, сакаме да застанеме пред предизвикот наречен аутизам. За него велат дека е тивка болест, меѓутоа ние од овде ќе испратиме гласна порака дека ја даваме нашата безрезервна поддршка за сите оние кои што се справуваат со неа. Од овде сакам да ја упатам мојата безрезервна поддршка на родителите чии што деца боледуваат од аутизам, сакам да им кажам дека не се сами, дека секогаш имаат подадена рака, затоа што вреди да се изодат и милиони чекори преку активности и напори за да се дојде до една детска насмевка, до еден среќен блесок во очите на дете со аутизам," рече г-ѓа Иванова.

Заложби за здравјето на сите деца

Г-ѓа Иванова редовно ги посетува и клиниките за детски болести во Република Македонија. Посетата на Центарот за деца болни од церебрална парализа за време на Новогодишните и Божиќните празници е една од оние кои оставаат силен впечаток кај г-ѓа Иванова. Децата ја пречекаа со широки насмевки, а таа им подели пакетчиња со цел да им го разубави овој ден и да им ја даде својата поддршка во борбата против болеста.

Кога се во прашање иницијативите за децата и нивното здравје г-ѓа Иванова е секогаш тука да ги поддржи. Првата дама на Македонија, Маја Иванова, за време на 65-тото Генерално собрание на ООН во Њујорк во 2010, присуствуваше на уште една конференцијата за намалување на смртноста кај родилките и новороденчињата – „Жените се обединија за здравјето". Главното случување за сопругите на присутните претседатели беше излетот организиран од првата дама на САД, Мишел Обама, во Центaрот Стоун Барнс, огромна фарма за органска храна.

При посетата на овој Центар, Мишел Обама ја запозна г-ѓа Иванова со нејзината иницијатива за здрава исхрана на Американците, особено на децата. За таа цел г-ѓата Обама ја покрена кампањата насловена ,,Let's move'' („Да се придвижиме"), поддржана од готвачи од целиот Северноамерикански континент, кои како волонтери во училиштата ќе подготвуваат здрава храна за децата. Сметајќи дека преголемата телесна тежина кај децата не е само американски, туку глобален проблем, првата дама на САД се заложи ова движење да прерасне во меѓународна кампања и во неа да се вклучат голем број Први дами од светот. Оваа иницијатива е прифатена од г-ѓата Иванова. Сепак таа смета дека за разлика од САД, децата во Македонија се хранат со квалитетно овошје и зеленчук и се запознати со вистинското потекло на продуктите, но дека сепак лошите навики се присутни во секојдневната исхрана. Поради тоа покрај активна едукација на децата за правилна исхрана, во иницијативата треба да се вклучат не само готвачи, туку и матичните лекари кои ќе прават проверка на здравствената состојба на децата, а посебно на нивната телесна тежина.

Г-ѓа Иванова оваа иницијатива ја спроведе и на дело, станувајќи покровител и промотор на кампањата „Здрава храна за детство без мана“ - дел од Програмата “Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја спреведува здружението на граѓани ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука. Г-ѓа Иванова, посети неколку основни училишта каде се спроведуваат едукативни активности, порачувајќи им на родителите да се приклучат кон заедничките напори за создавање свесни генерации кои ќе станат имуни на зависноста од брзата храна со што ќе им обезбедиме сигурна и здрава иднина.

Меѓу многубројните активности во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана", г-ѓа Маја Иванова присуствуваше на манифестацијата „Здрав ручек" во детската градинка „Гоце Делчев" во Пробиштип. Пред најмалите жители на Пробиштип, г-ѓа Маја Иванова го претстави главниот оброк од ручекот – македонска лазања, приготвена од состојки од македонското поднебје и притоа порача дека сите субјекти вклучени во развојот на децата треба да придонесат кон интензивирање на акцијата, бидејќи децата се иднината на нашата татковина.

zdravahrana

Посети на училишта, особено на оние за децата со посебни потреби, честопати се среќаваат во агендата на г-ѓа Иванова. Посетата на основното училиште за посебни потреби „Иднина" и изложбата која ја приредија учениците под наслов „Желби рој" на денот на јубилејниот празник на училиштето, е настан кој буди позитивни чувства на љубов, топлина и искреност, средба кога се споделуваат моменти за паметење. Таа при посетата им се обрати на децата и им посака и понатаму да продолжат да зрачат со позитивна енергија како досега и да продолжат со успешна работа:

„Ние мораме да запомниме дека децата со инвалидитет се први и најважни. Секој од нас има обврска да биде хуман, да помогне. Но, само со здружени сили на сите ќе придонесеме и ќе направиме нешто за овие дечиња. Велат, тајната на секој успех лежи во желбата и во упорноста. Несомнено, желба имаме сите, па велам, ајде да бидеме упорни. Да вградиме дел во мозаикот што остварува детски сништа. Да направиме чекор напред во остварување на нешто што ќе остане засекогаш во сеќавањата на овие дечиња," изјави г-ѓа Иванова изразувајки ја својата поддршка во нивниот напор за еднаквост и во исполнувањето на нивните „Желби рој".

Во рамки на континуираните заложби на Првата дама на Република Македонија за подобрување на квалитетот на животот на децата и унапредување на нивното здравје, на г-ѓа Иванова и беше доделена плакета за хуманост и поддршка на лицата со хендикеп, на манифестацијата „Различни, а еднакви", организирана по повод одбележување на Денот на лицата со хендикеп.


За време на Новогодишните и Божиќни празници, 2010 година, г-ѓа Маја Иванова ги посети „СОС Детското село" и Домот за деца без родители „11 октомври" во Скопје и имаше прилика да присуствува на претставите кои дечињата ги подготвија. Нејзината цел беше да биде дел од нивното семејство, да ги помине празничните мигови заедно со нив, да им ја изрази својата почит и внимание, како мајка да им порача дека тие се прекрасни личности кои успешно се справуваат со предизвиците во животот и да продолжат понатаму да се борат. Нејзино големо задоволство беше можноста да им посака среќни празници на децата.

„Како што рекле старите - Кај и да си за Божик дома да си. Јас решив денеска да бидам дел од ова семејство и среќна сум што за момент овие дечиња ќе почувствуваат дека не се заборавени. Незаменливо е чувството кога во нивните мали душички ќе предизвикате топлина и во нивните очи ќе погледнете радост и исполнетост. Тука сме да им посакаме Среќна Нова година и весели Божиќни празници, да ги гушнеме и да им ја влееме надежта во новата година, која секој од нас ја заслужува" – изјави г-ѓа Иванова пред присутните при посетата на училиштето.

Во 2011 година, за време на Божиќните празници, г-ѓа Иванова во својот дом ги покани децата од „СОС Детското село", повторно да бидат дел од нејзиното семејство и заедно да уживаат во празнувањето.

Во доменот на хуманитарните активности, а по повод одбележување на Меѓународниот ден на детето, на 20 ноември 2012 година, г-ѓа Иванова донираше постелнина на Клиниката за детски болести во Скопје, а воедно непосредно им посака на дечињата побрзо оздравување и враќање во своите домови. Меѓутоа, поддршката и неизмерната желба да се помогне на децата кои се лекуваат на Клиниката за детстки болести, г-ѓа Иванова ја искажа и со покровителството на националната кампања за реконструкција и адаптација на простор за педијатриски Ургентен центар при Клиниката за детски болести во Скопје. Националната кампања, под мотото „Ајде да помогнеме навреме" заврши многу успешно и резултираше со собрани пет пати повеќе средства од предвиденото, така што на 6 септември 2013 година се одбележа почетокот на градежните работи за реконструкција на Ургентниот центар.
„Поведена од таа општествена одговорност, поведена од инстинктот на мајка, а пред се од огромната поддршка која ја добив од мојот сопруг, кој ми рече „ти тоа го можеш затоа што се работи за иднината на нашите деца", ја прифатив поканата на визионерот за изградба на еден ваков Ургентен центар, директорката на Клиниката Аспазија Софијанова, да бидам главен покровител на една ваква хумана, благородна мисија затоа што нема ништо повредно од животот на нашите деца", изјави г-ѓа Маја Иванова.

Detskaklinika

Низ песна и игра за среќно детство

Г-ѓа Иванова се јавува и како покровител на многу настани од забавен карактер, кои успеваат да измамат насмевки и радост од лицата на децата. Еден таков настан е театарската претстава „Дедо мраз и пријателите" која беше одиграна на повеќе јазици за време на Новогодишните празници.

..„Навистина се обидувам да ја поддржам секоја манифестација за деца, без разлика на нивната етничка или верска припадност, без разлика на нивните склоности и интереси, да сум секогаш тука да помогнам во пресретнување на нивните потреби. И како што секој од нас ја има обврската и грижата да им обезбеди посреќна и подобра иднина на нашите деца, јас чувствувам уште поголема обврска - да им обезбедам и подобра сегашност на сите деца, но особено на оние со кои судбината се поиграла и останале сами, или оние кои Господ ги благословил со други таленти, а во очите на јавноста остануваат личности со физички или ментален хендикеп." – изјави г-ѓа Иванова.

Покрај традиционалното покровителство на Претседателот на Република Македонија на фестивалот „Златно Славејче", славејчињата ја имаат целата поддршка и од г-ѓа Иванова, која присуствуваше на промоцијата на монографијата „40 години Златно славејче"


За женските предизвици

„...Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е комбиниран израз на вековните традиции, култура и менталитет на македонскиот народ, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите дваесет години од македонската независност, од друга страна. За поголема интеграцијата на жените во општествениот и политичкиот живот се најзаслужни иницијативите на граѓанскиот сектор. Беше потребно време, разбирање и политичка волја тој процес да добие афирмација и да биде подржан преку институциите на системот.“

Извадок од обраќањето на г-ѓа Маја Иванова на Женскиот бизнис форум на тема:

„Сопругите на лидерите како примери (Role Models) и нивното влијание на политиките за жените“,

Април 2011 година, Истанбул, Република Турција

Успесите за позицијата на жената не секогаш можат и треба да се интерпретираат од позиција на бројки, од позиција на мерливост на учеството на жените во институциите. Иако помалку бројни, жените во политиката во Република Македонија дадоа суштински придонес во многу политички иницијативи и законски проекти во областа на: социјалната заштита, зголемување на породилното отсуство, поддршка за многудетните семејства, поддршка за младите брачни двојки, грижа за активен живот на лицата од третата доба, антидискриминација на маргинализираните групи, поддршка и охрабрување на претприемништво за жени во рурални средини, во областа на културата, образованието и здравството. За поддршката на г-ѓа Иванова во насока на жените во политиката зборуваат нејзините комбинирани настапи со нив и поддршката на нивните инцијативи.

Во областа на бизнисот и економскиот развој на Република Македонија жените заземаат сè позначајна улога со видливо зајакнат претприемнички дух. Денес сме сведоци на постоењето на многу успешни компании раководени од жени, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност во производството и промоцијата и создаваат препознатливи македонски производи и услуги.

Својата поддршка за најуспешните женски приказни, г-ѓа Маја Иванова ја даде со своето покровителство на изборот на „10 најуспешни жени менаџери на Македонија“ и обраќање до добитничките на наградите, во инициран и спроведен од организацијата Марили.

Г-ѓа Иванова останува отворена за соработка и во секоја погодна прилика ја дава својата поддршка за иницијативи кои се однесуваат на подобрување и јакнење на позицијата на жената, како и за позитивна и зголемена информираност за успесите на жената во општеството. Во март 2010 година г-ѓа Иванова, во вила „Биљана“ во Охрид, приреди прием за сопругите на шефовите на делегациите кои беа учесници на Конференција на директори на царинските администрации од Европскиот регион на СЦО, посветена на зајакнување на институционалните капацитети со презентации на теми поврзани со политиката на Светската царинска организација.

Жените се и предводнички на граѓанските иницијативи за унапредување на здравството, придонесувајќи во креирањето на јавни политики за заштита и превенција. Г-ѓа Маја Иванова дава своја безрезервна поддршка за активности и проекти кои се во насока на подобрување на општото здравје, навремена здравствена превенција, јакнење на здравствената заштита на жената.

forumzeni1Во рамки на активностите посветени на соочувањето со женските предизвици во современиот свет, г-ѓа Маја Иванова учествуваше на Меѓународниот форум за жената и одржливиот развој, кој се одржа во периодот од 9 -11 ноември 2011 година во Народна Република Кина, во организација на Се-кинеската женска федерација.
Г-ѓа Иванова имаше свое обраќање на свеченото отворање на форумот, во кое истакна дека Република Македонија е посветена на рамноправната застапеност на жените во секој сегмент и на секое поле. Воедно, ја прикажа жената, како рамноправен чинител на општествените текови, истакнувајќи дека жените-лидери успеваат да одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено и да ги зачуваат семејните и традиционални вредности.

Информираноста на жените во Република Македонија за навременото откривање на една од најтешките болести што се јавува кај жените, ракот на дојката, е предизивик кој г-ѓа Иванова го презема заедно со етаблираните организации во земјата кои работат во таа област. Со нејзината вклученост во иницијативите и активностите на Здружението на жените заболени од рак на дојка - Борка, ја дава поддршката за активностите на здружението за подигање на јавната свест кај жените за потребата од навремено и соодветно откривање на ракот на дојката, но истовремено и да им пружи поддршка и посреќни моменти на оние кои таа борба веќе ја водат. И затоа, со гордост беше дел од розевата прошетка „Напред розово 2010“ посветена на сите тие кои ја изгубиле, ја добиле или ја водат битката со ракот на дојката. Во 2010 година, ја посети и Клиниката за онкологија и заедно со други истканати претставнички на општествениот живот се обиде барем во еден момент да придонесе за полесно соочување на дел од пациентките со нивната секојдневна борба со ракот.

Во знак на континуираната поддршка на жените во превенција и соочување со борбата против ракот на дојка, г-ѓа Маја Иванова се обрати на 5. Национална конференција за борба против ракот на дојката, организирана од здружението „Борка – за секој нов ден".
„Секој месец е месец во борба против ракот на дојката. Секој ден е ден на надеж, истрајност во борбата против ракот на дојката. Не можеме и не смееме да ги ограничуваме нашите активности ниту временски, ниту просторно. Нашата цел е континуирана борба која започнува со превенција, не само во Скопје, туку во секој дел на Република Македонија", истакна г-ѓа Иванова.

alt

Во меѓународните организации се преземаат многубројни и различни активности посветени на жената. Една од тие активности во која г-ѓа Иванова зеде активно учество е тркалезната маса на тема “Women Connected for Health”, како дел од целодневниот настан “First Ladies supporting Millennium Development Goals” во организација на ADA (Advanced Development for Africa), а во соработка со ITU (International Telecommunication Union), како и неколку ОН организации. Ова учество беше дел од нејзините активности за време на 65-то Генерално Собрание на Обединетите Нации, на кое учествуваше нејзиниот сопруг.

Како дел од својата агенда посветена на жените и нивните предизвици се издвојува уште една активност на г-ѓа Иванова – учеството на Евроазискиот економски форум во организација на Мармара Фондација кој се одржа во април 2011 година во Истанбул, Република Турција. Г-ѓа Иванова имаше свое обраќање на Женскиот бизнис форум во рамките на самитот на тема: „Сопругите на лидерите како примери (Role Models) и нивното влијание на политиките за жените“. Како учесник на форумот, на крајот од настанот учествуваше во церемонија на палење свеќи за сеќавање на жените низ светот кои биле жртви на насилство и повик да се поддржи „Платформата за рехабилитација на жените жртви на насилство“.

На дамските сесии во рамки на 15. и 16. Евроазиски економски самит, одржани во 2012 и 2013 година, г-ѓа Иванова истакна дека во изминатите години во Република Македонија се направени многу значајни чекори кон подобрување на општествената улога на жената, а воедно и дека Македонија е позитивен пример во процесот на модернизација на жените.
„Она што посебно сакам да го истакнам е учеството на жената во економските текови. Од година во година се поголем е бројот на успешни жени менаџери, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност и промовираат нови општествено одговорни концепти во водењето бизнис", порача г-ѓа Иванова на дамската сесија „Управување, жените и иднината" во рамки на 15. Евроазиски економски самит во Истанбул.

При официјалните државни посети предводени од Претседателот Иванов, покрај редовните и протоколарни активности, г-ѓа Маја Иванова се обидува во секоја прилика да дознае повеќе за постигнувањата, предизиците и проблемите со кои се соочуваат женските здруженија на македонската дијаспора.

Г-ѓа Иванова опстојува на своите залагања да ја поддржи секоја жена во нејзините напори за успешна животна и општествена приказна, како и секоја организација која работи на јакнење на позицијата на жената.

samitistanbul

Наследство и култура

„...И како што нашите предци го препознаа регионот и светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите, така и јас денес гордо потврдувам дека опстојуваме како земја во таа идеја, но уште повеќе во нејзината реализација, поттикнувајќи ги позитивните културни карактеристики како пример за останатите. Република Македонија е пример каде различните вредности се почитуваат и опстојуваат, каде посебностите се промовираат, интегрираат и сплотуваат во целокупната културна мапа на земјата. Ова е сржта на европските вредности кои сите ние ги застапуваме и повикуваме.“


Извадок од обраќањето на г-ѓа Маја Иванова на Меѓународниот конгрес посветен на „Меѓународната култура и музика“
ноември 2010 година, Анкара, Република Турција

Г-ѓа Маја Иванова своите заложби за промовирање на целокупното културно наследство ги интегрира во своите активности во земјата и надвор. Во Република Македонија е вклучена во многу значајни настани кои се посветени на посебни и значајни сегменти од културното наследство и живеење.

Секоја година со особена гордост го придружува својот сопруг на свеченото отворање на летниот фестивал „Охридско лето“, на кој покровител е Претседателот на Република Македонија. Редовно е нејзиното присуство на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола, како и на настапите на Македонската филхармонија, претстави, академии, промоции на нови книги, изложби во земјата. Особена чест и претставува присуството на Струшките вечери на поезијата, област во која и самата твори.

Културата е предизвик, но и поле каде се отсликува наследството и историјата на еден народ. Во таа насока, г-ѓа Иванова со особено задоволство присуствува и на манифестации, театарски претстави и концерти на сите националности во Република Македонија, искажувајќи ја својата почит и вреднувајќи ги високите дострели на уметниците.

Од нејзините активности во насока на промоција на автентичните македонски културни и традиционални обележја е покровителството на манифестацијата Крушевска софра, која ги промовира и возобновува традиционалните крушевски јадења и македонско вино.

„Придавањето на значење на самиот чин на подготовка на храната со внимание и љубов, заедно со квалитетот на продуктите и нивното органско потекло од ова поднебје, резултираат со квалитетна и вкусна кујна. Но има нешто што е поголемо и од тоа, нешто што особено е видливо во вашиот град. Тоа е значењето и важноста која се придава на една од најубавите традиции на нашиот народ – семејната софра како огниште, како дом, како извориште на најубавите вредности на нашата земја,“ изјави г-ѓа Иванова при посетата на оваа традиционална манифестација.

Меѓу настапите на г-ѓа Иванова со цел промовирање на македонската музика и култура надвор од земјата, е учеството на Меѓународниот конгрес посветен на „Меѓународната култура и музика“, кој се одржа во ноември 2010 година, во Анкара, Република Турција. На овој конгрес учество земаа домаќинката, г-ѓа Хајруниса Ѓул, прва дама на Република Турција, г-ѓа Лилита Затлере, прва дама на Република Латвија, г-ѓа Мерхибан Алијева, прва дама на Република Азербејџан, г-ѓа Барбара Миклиќ Тирк, прва дама на Република Словенија, кои со свои обраќања и модераторство на одделни сесии пренесоа дел од своите традиционални обележја во културата и музиката. Покрај првите дами на овој настан присуствуваа многу истакнати имиња од Република Турција, како и звучни имиња од светот на музиката и музикологијата. И како што самата тема на конгресот ја наметна потребата, но и задоволството, г-ѓа Маја Иванова со огромна чест ја презентираше македонската култура преку македонскиот фолклор испреплетен во настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Општо прифатено беше чувството дека настапот на „Танец“ ги обедини сите присутни и ги доближи сите до она што нашиот фолклор го одржал низ вековите.

„Македонскиот фолкор е една од најпрепознатливите вредности на македонскиот идентитет. Во нашиот фолклор се препознаваат и каракте-ристиките на балканските народи, но уште повеќе се отсликува и несебично го прифаќа и слави триумфалниот момент на препознавање на својот сопствен белег, на македонската традиција. Тоа е уште еден факт дека Македонија отсекогаш била спој на различните култури.“

„Уметноста, традицијата и културата претставуваат суштинска интеграциона нишка на секој народ. Традициите и достигнувањата на генерациите пред нас се извор на неизмерна сила која ми помага да ги надминам препреките и ми дава волја да се соочам со новите предизвици. Во таа насока, ги поддржувам сите иницијативи за културно-уметничко изразување, зачувување на традицијата, фолклорот, но и создавање на нови форми на израз преку поезија, музика и уметност. Со учеството на нашиот национален фолклорен ансамбл „Танец” на јавни настани на кои присуствувам, се обидувам да укажам дека нашето постоење и идентитет се резултат на она што нашите предци успеале да го зачуваат. Дека нашата традиција, нашите обичаи, песни и ора се историски општествен израз на нашиот народ и придобивка која треба да ја негуваме.“

Извадоци од обраќањето на г-ѓа Маја Иванова на Меѓународниот конгрес во Анкара

Во семејството Иванови религијата зазема посебно место и преставува водич низ целокупниот начин на живеење.
„Кант има речено: Ги почитувам ѕвездените закони над мене и моралните закони во мене. Не може да се зборува за нормално општество колку и да е тоа современо и развиено, без да има место за етичките норми и вредности. Ние постојано како индивидуи мора да работиме на промоција на моралните вредности преку своето лично однесување во рамките на своето семејство, во рамките на работната средина, во непосредното опкружување. Тоа е постојан процес . Доколку не се однесуваме морално односно доколку моралните вредности не се дел од нашиот светоглед тогаш е невозможно да ги учиме другите за нив,“ изјави г-ѓа Иванова за Интервјуто за порталот „Премин“

Чествувањето на големите, најзначајни христијански празници, од стапувањето на функцијата на Претседателот Иванов, семејството Иванови го споделува со македонските граѓани. Воспитани во христијанскиот дух, ја практикуваат својата вероисповед, но ги почитуваат и различните од себе. Сите позначајни религиозни празници, заедно со својот сопруг, ги празнуваат со граѓаните кои тој ден слават. Присуството на свечената Божиќна миса во Католичка катедрала „Пресвето срце Исусово“ е редовно. Се празнуваат и Ифтарот, Бајрам, Бајрам Рамазан...

„Република Македонија иако под најразлични влијанија, кои сепак многу придонеле за развивање на уникатен модел на вреднување, меѓусебно признавање и препознавање на културните богаства, успеа да опстои во мир и хармонија, кои ги воспостави во внтрешноста без разлика на верските, етничките и јазичните разлики меѓу нејзините граѓани. Македонија и ден денешен истото го гради и се труди преку промовирањето на придобивките од различностите по која било основа да ја одржи меѓусебната почит, разбирање и заедничко вреднување на соживотот и хармонијата како основа за просперитет на земјата,“ изјави во една прилика г-ѓа Иванова.

Г-ѓа Иванова гордо го истакнува фактот дека нејзиното духовното патување ги собра на мапата престолнините на христијанството – Ватикан, Истанбул, Ерусалим. Придружувајќи го својот сопруг со особена исполнетост се навраќа во Ватикан во мај, по повод чествувањето на Св. Кирил. Покорно наведнувајќи ја покриената глава се поклонува пред Неговата Светост, поглаварот на Католичката црква, почитувајќи го строгиот и вековен протокол, додека се исполнува со вдахновеност и подготвеност за новите предизвици во секојдневието.

Во Истанбул во два наврати имаше прилика да се сретне со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. Ја искористи приликата покорно да побара од Патријархот во молитва да ја спомнува нашата Македонија и да побара благослов за семејството и пријателите.

Патувањето во лулката на христијанството, Ерусалим, ја воздигна нејзината духовност. За Ерусалим вели дека секогаш ќе се навраќа и како и досега во секоја наредна прилика повторно ќе ги доживува истите силни и несекојдневни емоции. Кај што секој камен има своја одредена симболика и свое значење...



Во склад со природата

Г-ѓа Иванова е посветен поддржувач на заштитата и унапредувањето на животната средина и редовно учествува во акциите и иницијативите поврзани со таа цел. Една од позначајните е „Денот на дрвото“ што прв пат се одржа во 2007 година, кога македонските шуми беа сериозно зафатени од силни пожари. На иницијатива на одборот предводен од маестро Борис Трајанов, со поддршка на целото македонско општество, Денот на дрвото прерасна во масовно движење за обнова на уништените шуми. Во пресрет на оваа национална акција, првата дама на Република Македонија Маја Иванова традиционално ги кани сопругите на амбасадорите, заедно да засадат дрвца, во знак на поддршка и придонес кон оваа широка иницијатива. Со овој гест г-ѓата Иванова лобира не само кај граѓаните на Република Македонија, туку и кај амбасадите на државите во Македонија за зелена и за здрава животна средина.

Локациите за засадување се менуваат со секој нареден Ден на дрвото, а ги одредува г-ѓа Иванова. Првата акција за засадување на дрвца беше организирана во резиденцијата на Претседателот на Република Македонија, каде г-ѓа Иванова со особено задоволство им посака топло добредојде на своите гости кои несебично се одзваа на нејзината покана, поддржувајќи ја целосно нејзината идеја.

Вториот пат г-ѓата Иванова ги повика сопругите на претставниците на дипломатскиот кор во Македонија, кои се собраа да ја засадат иднината во дворот на градинката „Кочо Рацин“ заедно со оние кои го уживаат најголемото внимание и љубов на г-ѓа Иванова, децата. Тие ја пречекаа г-ѓа Иванова со игра и песна, и покажаа дека веќе знаат како да се грижат за природата и од најмала возраст да го дадат својот придонес за здрава и чиста животна средина.

„Денот на дрвото успеа да нé поврзе и да нé изгради како заедница, не само меѓу нас, туку и со идните генерации на кои ќе им оставиме можност да живеат во здрава и богата земја,“ изјави г-ѓа Маја Иванова при засадувањето на дрвцата во близина на градинката Кочо Рацин.

Трет пат по ред традиционалното засадување на дрвцата беше организирано од страна на г-ѓа Маја Иванова во манастирот Св. Никола во село Љубанци, на падините на Скопска Црна Гора, заедно со монахињите од манастирот и членовите на здружението „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ Како и секојпат акцијата ја поддржаа сопругите на амбасадорите во Македонија. Ова засадување на дрвца имаше цел да го спречи свлечиштето на земјата на која лежи манастирот, а кое претставува сериозна закана за вредната градба. Mанастирот Св. Никола во близина на селото Љубанци бил граден во средината на 19 век. Во изградбата којашто траела од 1849 г. до 1858 г., свои прилози на личен труд и материјални добра принесувале селаните од Љубанци, со оглед на тоа што тие по традиција негуваат особено почитување кон овој светител. Сведоштво за тоа е византиската црква во селото посветена на Св. Никола од 14 век. Иконостасот во манастарската црква кој е возобновен во 1998 г. е изработен од познатиот македонски мајстор Дичо Зограф. Со возобновувањето на монаштвото од пред десетина години, манастирот Св. Никола станал духовен центар на многумина. Поради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот функционирал како воздушна бања за болни од туберколоза. Со ова наменско засадување на дрвца г-ѓата Иванова, покрај грижата за чиста и здрава животна средина, покажа грижа и внимание за зачувување на нашето историско културно наследство.

Г-ѓа Иванова со големо задоволство присуствуваше на доделувањето на сертификати и награди на најдобрите студенти на Факултетот за електротехника и информатички технологии, кои се здобија со знаења за една од многу значајните сфери на денешницата - обновливите извори на енергија.

„Ако некогаш со овој проблем на човештвото се бавеа научниците, сега доаѓа фаза во која секој од нас мора да биде информиран колкави напори треба да вложиме сите ние за да ја сочуваме нашата планета. Денес сите ние сме сведоци и ги чувствуваме страотните последици од климатските промени и глобалното затоплување, една од најголемите наши инвестиции е токму предизвикот во искористувањето на обновливите извори на енергија, како алтернатива на конвенционалните, што претставува голем чекор напред кон поздрава животна средина,“ изјави г-ѓа Иванова пред присутните на свеченоста.

Импресионирана од големиот интерес на студентите за изучување на оваа област, г-ѓа Иванова им упати безрезервна поддршка и поттик да бидат идните активни чувари на нашиот универзален дом и со здобиеното знаење активно да придонесат во заштитата на животната средина и справувањето со предизвиците со кои се соочува нашата планета.

Дипломатски чај

На 12 мај 2009 година д-р Ѓорге Иванов стапи на функцијата Претседател на Република Македонија, а г-ѓа Маја Иванова се стекна со една особено значајна општествена титула - Прва дама на Република Македонија. Таа должност промени многу работи во приватниот живот на г-ѓа Иванова.

Имајќи предвид дека голем дел од надлежностите на Претседателот на Република Македонија се во сферата на надворешната политика на земјата, согласно дипломатските практики, г-ѓа Иванова се здоби со ангажмани и учества во меѓународни посети, во кои се вклучени првите дами на странски држави, на билатерален, регионален и на мултилатерален план. Г-ѓа Иванова одговорно ги презема неопходните обврски, како и бројни иницијативи и активности согласно интересите и потребите на Република Македонија и согласно своите полиња на дејствување.

Во формалната атмосфера на средбите, како и при неформалниот дел резервиран за приватно дружење, со својот непосреден пристап г-ѓа Иванова создаде искрени пријателства и силни контакти кои се одвиваат на регуларна основа. Таа беше срдечен домаќин на неколку претседателски семејства:
•  13 – 14 октомври 2009 година, Вила Водно, Вила Македонија, Скопје - Официјална посета на Претседателот на Република Естонија, Н.Е. г-дин Томас Хендрик Илвес со сопругата г-ѓа Евелин Илвес
•  21 – 22 јуни 2010 година, Вила Водно, Вила Македонија - Официјална посета на Република Македонија на Претседателот на Чешката Република, Н.Е. г-дин Вацлав Клаус, со сопругата г-ѓа Ливија Клаусова
•  14 – 15 јули 2010 година, Вила Водно - Официјална посета на Република Македонија на Претседателот на Република Латвија, Н.Е. г-дин Валдис Затлерс, и сопругата г-ѓа Лилита Затлере


Таа исто така учествуваше во официјални посети на други држави, и тоа:
•  16 – 18 октомври 2009 година, Анкара, Истанбул - Официјална посета на Република Турција на Претседателот на Република Македонија, Н.Е.  д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова
•  8 – 9 февруари 2011 година, Прага, Чешката Република - Официјална посета на Претседателот Иванов и сопругата г-ѓа Иванова на Чешката Република
•  15 – 16 февруари 2011 година, Љубљана, Република Словенија - Официјална посета Претседателот Иванов и сопругата г-ѓа Иванова на Република Словенија
•  20 – 21 јуни 2011 година, Виена, Република Австрија - Официјална посета на Република Австрија на Претседателот Иванов и сопругата г-ѓа Маја Иванова
•  6 – 8 октомври 2011 година, Букурешт, Романија – Официјална посета на Романија на Претседателот Иванов и сопругата г-ѓа Маја Иванова

При учеството на Претседателот Иванов на мултилатерални настани, кога г-ѓа Иванова го придружува својот сопруг на патувањето, редовно и активно се вклучува во настаните предвидени во дамската програма.
•  23 септември 2009 година, Њујорк, 64-то Генерално собрание на ОН- Присуство на г-ѓа Маја Иванова на официјалниот ручек кој за сопругите на Шефови на држави/влади/крунисани принцези (по отворањето на Генералната дебата на 64-то ГС на ООН) го организира сопругата на Генералниот Секретар на ОН, г-ѓа Бан Сун Таек; Учество на првата дама, г-ѓа Маја Иванова, на приемот (tea reception) во организација на сопругата на Генералниот секретар на ОН, г-ѓа Бан Соон-Таек, во чест на првите сопруги(зи) на шефовите на делегациите на 65-то ГС на ОН во резиденцијата на Генералниот секретар на ОН; Придружба на Претседателот Иванов на свечениот прием приреден од Претседателот на САД, Почитуваниот Барак Обама, и сопругата г-ѓа Мишел Обама, организиран во чест на Шефовите на делегации на 65-то ГС на ОН
•  24 септември 2009 година, Њујорк, 64-то Генерално собрание на ОН - Присуство на Претседателот Иванов и г-ѓа Маја Иванова на приемот за Шефовите на делегации кој го приредува Претседателот на САД, Н.Е. г-дин Барак Обама, со сопругата г-ѓа Мишел Обама
•  18 – 22 октомври 2009 година, Ерусалим, Тел Авив - Официјална посета на Државата Израел на Претседателот на Република Македонија, Н.Е.  д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова и учество на израелската Претседателска конференција Facing Tomorrow 2009: 19.10. - Посета на Јад Сара, еврејска хуманитарна организација, 20.10. - Церемонија на садење дрво во Шумата на Нациите, Посета на Меморијалниот центар Јад Вашем и полагање венец во спомен на жртвите на Холокаустот, 21.10. - Посета на светите места во стариот град во Ерусалим
•  31 Јануари – 5 Февруари 2011 година, Вашингтон - Учество на Претседателот Иванов и г-ѓа Маја Иванова на Националниот Молитвен појадок
•  1-2 мај 2011 година, Рим, Ватикан - Учество на свечената миса по повод беатификацијата на Папата Јован Павле II
•  22 – 24 мај 2011 година, Рим - Учество на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“: 24.05. Аудиенција кај Папата, Н.С. Бенедикт XVI, Средба со Државниот Секретар на Ватикан,  Кардинал Тарцисио Бертоне
•  27 – 28 мај 2011 година, Варшава, Република Полска - Учество на 18-та средба на Шефови на држави од Централна Европа; 27.05. Дружење и заеднички ручек и вечера со присутните Први дами: г-ѓа Ана Коморовска, Прва дама на Република Полска, г-ѓа Теута Топи, Прва дама на Република Албанија, г-ѓа Маргит Фишер, Прва дама на Република Австрија, г-ѓа Евелин Илвес, Прва дама на Република Естонија, г-ѓа Лилита Затлере, Прва дама на Република Латвија, г-ѓа Светлана Вујановиќ, Прва дама на Црна Гора, г-ѓа Барбара Миклиќ Тирк, Прва дама на Република Словенија, и г-ѓа Татјана Јосиповиќ, Прва дама на Република Хрватска;
•  21 – 23 јуни 2011 година, Ерусалим, Израел - Придружба на Претседателот Иванов на Претседателската конференција Facing Tomorrow 2011; Присуство на пленарната сесија и свечениот прием по повод церемонијата на отворање на конференцијата, Разгледување на културно-историски споменици во Ерусалим (Стариот град, гробот на Исус, Ѕидот на плачот, Улицата на страдањата, Маслиновата гора)
•  29 – 30 јуни 2011 година, Св. Стефан, Црна Гора - Придружба на Претседателот Иванов на Самитот на ПСЈИЕ и Самит: Дијалог меѓу цивилизациите. 30.06. Крстарење по которскиот залив и Дружење со присутните први дами, г-ѓа Светлана Вујановиќ, прва дама на Црна Гора и г-ѓа Радмановиќ, сопруга на Претседавачот со Претседателството на БиХ

Една од активностите на г-ѓа Иванова која еднаш годишно со особено задоволство ја остварува е присуството на новогодишниот и божиќен прием за дипломатскиот кор во Република Македонија, кој секој јануари традиционално го приредува нејзиниот сопруг.

Во секојдневието на г-ѓа Маја Иванова се и редовните средби со сопругите на амбасадорите во Република Македонија, неформални дружења кои се дел од долгогодишната воспоставена пракса во дипломатските кругови, за кои секогаш со задоволство ги прифаќа поканите, а во одредени прилики и самата ги приредува.

 

Фото галерија

Maja_fotogal