Комисија за помилување

Комисијата за помилување е работно тело на Претседателот на Република Македонија, кое работи на седници кои ги свикува Претседателот на Комисијата по сопствена иницијатива и врз основа на заклучокот на Комисијата. Комисијата на седницата ја разгледува поединечно секоја молба за помилување и дава мислење по сите предлози што ги поднел министерот за правда и по предлозите за помилување што ги поднел по службена должност. Своето мислење комисијата го утврдува со мнозинство гласови од присутните членови. При подготвувањето на предлозите Комисијата се води по следните критериуми:


• природата, видот и тежината на извршеното кривично дело;
• личноста на осудениот и неговиот поранешен  живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики;
• влијанието на актот за помилување врз средината од каде што го извршил кривичното дело;
• возраста на извршителите на кривични дела;и
• за осудените жени се зема предвид дали се тоа мајки на малолетни и незгрижени деца.

 

Предлозите и мислењата членовите на Комисијата ги доставуваат до Претседателот на Република Македонија кој ја донесува конечната одлука. Претседателот на Република Македонија дава помилување на поединечноопределени лица за кривични дела предвидени со законитена Република Македонија, согласно со одредбите на Кривичниот закон и одредбите на Законот за помилување.

 

Претседателот на Република Македонија со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната. Со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни: забрана на вршење професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата.


Претседател на Комисијата за помилување
Василка Јурукоска

Членови на Комисијата за помилување

Марко Зврлевски
Благородна Дулиќ
Бекир Исени
проф. д-р Методија Каневчев
Љупка Арсениевска
Стојанче Рибарев
проф. д-р Нуман Аруч